Медијацијата е еден од основните методи за алтернативно решавање на спорови; доброволен, флексибилен и неформален процес во кој трета независна и неутрална страна надвор од спорот – медијатор, ја олеснува расправата меѓу страните и активно им помага да дојдат до оптимално и прифатливо за сите страни решение на конфликтот,
засновано на нивните вистински интереси.
Книгата „Медијација: компаративни аспекти“ е резултат на научно-истражувачката работа на авторот инспирирана од желбата и потребата за заживување на медијацијата во Република Северна Македонија. Имено, во процесот на создавање предуслови за примена на медијацијата, идентификувањето на сите неопходни чекори за нејзина успешна имплементација во практика и нивно успешно спроведување, како формално-правно така и фактички, компаративно-правниот аспект има значајно влијание, пред сè преку стекнатото искуство.